Wednesday, August 5, 2015

ДОЈДЕТЕ КУЧИЊА


Го вдишувам
остриот воздух на мугрите.
Прашината и отровите
се лепат на мојата кожа,
се прпелкаат во мојата уста,
ми ги гребат дробовите.
Ја палам првата цигара
со првата грутка светлина
што се пробива меѓу зградите.
Ја палам втората со звукот на првиот
камион што се тркала по улицата.
Ќе запалам уште многу цигари
денеска сред бесмислениот џагор
од гласови и настани.

Ќе поминам покрај парковите
каде младите учат да се љубат, а
старите забораваат да умрат.
Ќе ги погледнам тажните остатоци
од дрвјата што ги исече
еден малоумен систем.

Ќе ги слушам вестите.
Ќе ги слушам малите гебелси
и лижачите на чизми.
Ќе нишкам со главата во неверица
колку можат да бидат
евтини, глупави и мизерни.

Ќе ги гледам грдите лица
на тираните и ќе се чудам,
одново и по кој знае кој пат,
колку некој може да биде
ненаситен, подол и зол.
И ќе се сетам на сите жртви
на овој нечовечен џган.

Тивко, како шепот на духови,
студените очи на режимот
ќе го следат секој мој чекор,
ќе го бележат секој мој збор.

Дојдете кучиња!
Дојдете, ве чекам.
Исправен и горд.
Ве чекам.


Џабир Дерала
(од стихозбирката „Кој ќе ја плати сметката“, 2015)


Илустрација: Мирослав Стојановиќ - Шуки


No comments:

Post a Comment