Saturday, January 17, 2015

КОЈ ЌЕ ЈА ПЛАТИ СМЕТКАТА?















Ја гледам мајката како тивко плаче
наведната над своето гладно дете
Гледам, уште една млада жена се крши
додека го пали црвениот фенер
Аргатот се враќа дома со празни раце
Гледам болка, тага и сведнати глави

Гледам позлатени маски
Скапо платени лаги
чувани со камшик исплетен од крв
и скршени сништа

Кој ќе ја плати сметката?
Кој?
Кој ќе плати за твојата глупост
и ароганција?
За бедното гомно на твојата личност
кој ќе плати?
Кој ќе плати за твојот тажен обид
да бидеш како Путин?

Еден ден, сметката ќе стаса...
Ох, да, сметката ќе стаса!
Кој ќе плати тогаш
кога времето за плаќање
ќе затропа на твојата врата?
Кој ќе плати за твоите лаги?

Кој ќе ја плати цената на твоето владеење
масовниот грабеж
насилството и фашизмот?
Кој ќе го плати билетот
за оваа ирационална претстава потпишана од тебе?

Постои ли ценовник за загубите?
Трудната жена што го загуби своето дете в затвор...
Кој ќе ги изброи децата
кои растат во кафезот што ти го направи?
Дали знаеш колку мажи и жени
ќе се чувствуваат мизерно ова утро?
Кој ќе плати за понижувањата?

Кој ќе плати
за здравјето и животите изгубени
на градилиштата на
твоите мегаломанијачки проекти?
Навистина, кажи ми, кој?
Кој?
Кој ќе плати за кичестиот тоалет
кој ти и лижачите на твоите чизми
го нарекувате Триумфална Порта?
Кој ќе плати
за твоето незнаење и суетата
што луѓето ги чини достоинство и живот?

Но, сметката ќе стаса еден ден
Кој ќе плати тогаш?
Кој?

Дали некогаш мислеше на цената?
Те гледам на екраните секој ден
Гледам, веруваш дека ќе се извлечеш
со своите грозни дела
Изгледаш како да имаш план
во твојата глупава глава
И – изгледа имаш
доволно пиони да го спроведат тој план
Изгледаш доста подготовен
да направиш многу мајки да плачат
Само да го спасиш својот газ

Ги гледам твоите мињони
орди од безглави и
без’рбетни креатури
Ги гледам твоите стражари
безочни крвопијци
како чекорат во тишина
и шират страв

Но, сето тоа мора да заврши
Дивеењето ќе заврши
И сметката ќе стаса
Кој ќе плати тогаш?
Кој?
Кој?
Кој?

Џабир Дерала

(од "Malfunction", 2013, Shortcut, сите права се задржани)

No comments:

Post a Comment